Една од најубавите македонски песни, која остави длабока трага во народното музицирање – „Не кажувај либе добра ноќ“ – сега добива нова интерпретација. По истакнатите изведби на Петранка Костадинова, Васка Илиева, Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчевски, оваа вечна композиција повторно ќе го допре срцето на публиката, овој пат преку гласот на Огнен Здравковски, наследник на авторот Наско Џорлев.
„Не кажувај либе добра ноќ“ носи музиката и текстот на Наско Џорлев, и претставува еден од симболите на македонската музичка наследство. Нејзината длабока емоција и меланхоличната убавина и понатаму се одразуваат низ времето.
„Од сите песни што ги напишал дедо ми – како што се „Фато мори душманке“, „Во Струмица на улица“ и „Кажи ле облаче бело“ – токму „Не кажувај либе добра ноќ“ ми е најблиска. Чест ми е што ја пејам оваа нова верзија. Ме потсетува на убавите спомени, особено на мојот вујко, Зоран Џорлев, кој создаде инструментална верзија. Ми е огромно задоволство да ја пренесам на новите генерации“, споделува Огнен.
Неговата изведба е дел од продолжението на проектот „Македонијо, во срце те носиме“, кој под палката на Скендеровски продукција успешно ги комбинира традицијата и современите музички пораки. Аранжманот е направен од маестро Николче Мицевски, кој со својот уникатен сензибилитет донесува нова светлина на оваа незаборавна мелодија.
Проектот продолжува со својата мисија да ги прослави македонските корени преку гласовите на современи изведувачи од народната и забавната сцена, обединувајќи ги во една цел: да ѝ подариме на Македонија нов звук и на публиката ново доживување.
До крајот на летото, љубителите на македонската музика ќе имаат можност да уживаат во сите композиции од проектот, кои ќе бидат објавувани по редослед, во духот на мотото: Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци!
Уживајте во „Не кажувај либе добра ноќ“ и изведбата на Огнен Здравковски на песната што ја изразува тагата, љубовта и вечната убавина на македонската душа.