АБА лига: Убедлив пораз на Цибона кај Партизан, Ѕвезда поразена во Сплит


Ослабената загрепска Цибона немаше никакви шанси против фаворитот белградски Партизан во третото коло од регионалната АБА лига, домашните кошаркари победија со убедливи 113:78 (34:20, 29:27, 28:19, 22:12).

На Цибона поради здравствени проблеми на овој меч ѝ недостигаа неколку значајни поединци, а дека хрватскиот претставник ќе биде поразен во овој дуел беше потврдено веќе по првата четвртина. По десет минути Партизан водеше со 34:20, а до крајот и двете екипи не обраќаа премногу внимание на одбраната и белградските „црно-бели“ до крајот остварија 35 поени предност.

Марио Накиќ со 18 поени беше најдобар стрелец на Партизан, а додаде и пет скока и четири асистенции. Цибона ја предводеа Ентони Барбер со 20 поени и Питер Џок, кој имаше 13 поени и четири скока.

Кошаркарите на Сплит претходно во неделата ја постигнаа првата победа, изненадувајќи ги своите навивачи и ја совладаа Црвена ѕвезда со 85:78 (18:16, 19:23, 23:22, 25:17). Тоа е само трета победа на Сплит против Црвена звезда во регионалната лига, но и прва од 2012 година.

Партизан, Будуќност и Мега имаат максимални три победи во досегашниот тек од сезоната.

- Реклама -